Sunday, June 3, 2012

Cloud Nothings - Attack On Memory (2012)



Певливи панк рефрени полни со челична волна и обвиткани во фолија. Ова можеби е една од најсликовитите дефиниции за музиката која се наоѓа на новиот албум на Клауд Нотингс, бендот кој е последната рок-атракција која доаѓа од САД. Вака, според реномираниот музички сајт „Пичворк“, звучи групата од Кливленд која ја предводи досега анонимниот Дилан Балди.

„Attack on memory“ е всушност третото долгосвиречко издание што излегува под името Клауд Нотингс, но без двоумење може да се нарече дека тоа е првиот сериозен проект на Балди.

Овој музичар од Охајо се пробиваше во музичката индустрија најмногу преку блоговите за време на неговите студии. Објавуваше музика снимена во неговото сопствено студио и речиси и да не работеше со вистински бенд. Работите драстично се сменија минатата година, а резултатот од промената се промовираше на почетокот од 2012.

Не само што Клауд Нотингс сега се вистински панк-рок бенд составен од четири члена, туку „Attack on memory“ го снимаше магот на продуцентскиот занает во рок музиката, лично и персонално Стив Албини. Иако Клауд Нотингс во едно интервју велат дека Албини и не влијаел многу врз звукот на бендот истренираните уши вендаш ќе забележат дека тоа е лага. Допирот на продуцентот се чувствуа во секоја нота, а оние за оние кои не знаат кој е Албини доволно е да кажеме дека тој е човекот кој пред триесетина години го обликуваше звукот на бендовите како Нирвана и Пиксис.

Но да се вратиме на Клауд Нотингс и на нивниот „Напад врз сеќавањата“.
Иако чести се забелешките декa „Attack on memory“ не звучи компактно и е пократок албум од вообичаеното, тоа не значи дека панк-звукот што е спакуван во овие 33 минути не звучи свежо и поинаку од сето она што досега сме го чуле.


Првата песна на албумот „No Future/No Past“ почнува со пијано и малку поспоро но таа во себе го содржи тој сиров панк звук кој остава вкус на метални струготино во устата. На останатите песни звукот останува ист но врз него се накалемени поп рефрени, додека продукцијата е доведена до совршенство. Посебно се издвојуваат песните „Wasted days“ која од разиграна панк песна преминува во мала рок импровизација долга речиси девет минути, а ако веќе треба да предивидиме која песна од албумов има хитовски димензии ќе мора да кажеме дека тоа дефинитивно е „Stay Usless“.

Вредна за спомување е и триминутната инструменталка „Separation“ на која најубаво може да се чујат влијанијата на Албини и на неговиот бенд Шелак, кој не е лошо да потсетиме дека свиреше во Скопје пред речиси четири години.

Повеќе од сигурно е дека албумот ќе влезе во најтесниот избор за остварување на годината кај повеќето влијателни музички магазини, а нашето чувство е дека токму Attack on memory е албумот што ќе го најави најдоброто остварување на Балди.
Исто како што албумот „Bleach“ на Нирвана при крајот на осумдесетите го навестуваше нивното ремек дело Nevermind. 

На „Attack on memory“ Клауд Нотингс го покажуваат и музичкиот талент и инструменталната зрелост само недостасува магијата која од добри албуми прави незаборавни музички парчиња. Затоа вреди да се почека оти само прашање на е време кога Дилан Балди ќе го даде најдоброто од себе.


Saturday, June 2, 2012

Tindersticks - The Something Rain (2012)



Ако досега не сте чуле ништо од музиката на Тиндерстикс ќе си дозволам да бидам груб и да ве прашам дали досега просто сте спиеле на вашите уши? Неверојатно е да сте слушнале нота од Стујарт Стејплс и од неговата дружина, а да не сте станале искрен фан пред се на неговиот баритон. Стејплс има од оние гласови кои по препознатливоста може да се спореди со тонот што го произведува грлото на еден Леонард Коен или можеби Дејвид Силвијан. Да, до толку е посебен, до толку е прекрасен!

И доколку треба да го сместиме во некоја музичка фиока овој англиски бенд можеби најдобро би му прилегала етикетата авантгарден поп иако голем дел од неговите песни се зачинети и со соул и со џез мирудии. Но, да не се лажеме Тиндерстикс не би биле култна група доколку некој друг наместо Стујард Стејплс би стоел зад микрофонот.

Нивната музика е есенска и во рецензиите често можете да прочитате дека ја препорачуваат за денови кога облаците го голтнале сонцето, а метеоролозите не се убедени оти ќе се појави во догледно време.

Песните од овој албум ги враќаат сеќавањата на влажните ногавици кои чекорат по тротоарите со мртви лисја, мелодиите мирисаат на зрела дуња а од оркестрациите добивате чувство дека сте изложени на октомвриско ветре од кое не знаете дали ви е пријатно или полека но сигурно ви смрзнуваат зглобовите. Ова е музика која ги напаѓа носот и очите, ќе ве натера да плачете за невозвратената љубов дури ако покрај вас свиткана во ќебе спие жената на вашиот живот.



Мое е да ве предупредам дека иако се утепав фалејќи го вокалот на Стејплс неговиот глас на оваа плоча се појавува дури по десеттата минута. Албумот го отвора деветминутната „Chocolate“ на која наместо да пее Стејпсл има нарација која ја води органистот Дејвид Болтер. Тој раскажува за емоциите на еден маж за време на првиот состанок со девојката од неговите сништа, а звукот и гласот се спакувани како да станува збор за радио драма на „Би-би-си“ инспирана од стрип на Марвел. Токму стриповската атмосфера не навестува среќен крај на приказната во песната - некој наскоро мора да умре, нараторот мора да се претвори во суперхерој со трагично минато.

Веќе на втората песна „Show Me Everything“ Стејплс ја зема работата во своите гласни жици и ја поставува траекторијата по која ќе се движи звукот на остатокот од албумот. Понатаму ќе ги чуете џезираните „The Fire Of Autumn“, „Slippin' Shoes“ и уште неколку траки во кои доминира баритонот на Стејплс придружуван од суптилна џем-сешн инструментација, а од ова темпо ќе ве извади само „Frozen“ за која велат дека личи како песна на „Тиндерстикс“ која поминала низ компјутерот на драм енд бејс продуцентот ЛТЈ Букен.

The Something rain“ е нивниот девети по ред албум, а трет и сигурно најдобар по реоформувањето во 2006. Во секој случај ова е одлична плоча која може да биде појдовна точка за да се навлезете на нивното творештвото, но доколку тоа го правите послушајте го мојот совет и веднаш побарајте го нивниот трет албум „Curtains“.

Grimes - Visions (2012)



Тазе електронски звуци доаѓаат од Канада и како епидемија, клик по клик се шират по интернетот и преку блоговите ги освојуваат друштвените мрежи. Пионер на новиот правец е Канаѓанецот со етиописко потекло познат како Д Викенд кој компонира во студентскиот дом и музиката ја нуди бесплатно на својот сајт. Во негово друштво се уште неколку артисти од Монтреал и од Ванкувер од каде пак доаѓа и младата, 23 годишната Клер Буше. Таа во светот на музиката стана позната откако потпиша за легендарната издавачка куќа Фор Еј-Ди под псевдонимот Грајмс.

Различни критичари поинаку го опишуваат овој звук и ако за некои новата генерација музицира андерграунд ар-ен-би, за други станува збор за правец сличен на електропоп музиката од осудесетите, додека умешните со зборови му даваат имиња како вич-хаус или хорор-хаус (мрачна или хаус музика за вештерки). И верувајте сите се во право!

Клер Буше (Грајмс) е интересна и по самиот имиџ - нејзиниот начин на живот и изгледот може да се споредат само со она што ни го приредуваше Бјорк во деведесетите. Оваа девојка што често експериментира со бојата на косата, чудната облека и со екстремната шминка се прослави по едно невообичаено патешествие. Таа и нејзиниот дечко пред три години крстареа по реката Мисисипи изолирани на бротче на кое покрај музиката имале уште нешто малку храна, десетина кокошки и машина за пишување. 

Авантурата инспирирана од „Хаклбери Фин“ на Марк Твен не го доживеала крајот оти имале проблем со речната полиција и со моторот на пловилото. Клер Буше својот стил на живот го проектира и во музиката која доби одлични критики од релевантните магазини. И ако нејзиното пеење го споредуват со Енја, авторката на „Orinoco Flow“ - звуците што доаѓаат од албумот „Visions“ се инспирарани од еден широк спектар во кој спаѓаат и авангардната електро-сцена во Англија, МТВ поп-музиката од осудесетите и генијалците како Принс



Класичен пример за овој необичен спој е песната „Vowels = Space And Time“ која звучи како Апекс Твин кога би компонирал за детската музичка серија „Кидс инкорпорејтед“, кај нас зната како „Рокенрол кидс“. Вистински хит во овааа збирка на песни дефинитивно е парчето „Oblivion“ за кој Клер Буше или потточно „Грајмс“ сними и помалку чуден видеоспот. Самата Буше го опишува својот опус со терминот пост-интернет. 

И ако нејзините фанови не можат да си доловат што би требало да значи овој термин тука е „Грајмс“ да објасни се има врска со нејзиниот отпор кон интернетот.
Сите што ги познавам висат над проклетиот мобилен и на интернет. Немам телефон и затоа имам песна која зборува како е да се биде жив во вистинскиот свет“, вели „Грајмс“ за песната „Be A Body“ со која го промовира својот пост-интернет правец во уметноста.

Слушателите што истражуваат во музиката ќе уживаат во овој албум, додека останатите, оние со мрзливо уво треба внимаваат на идниот материјал што ќе го потпише девојката која се прослави како ди-џеј во најпознатиот клуб во Монтрел.
Тоа е всушност напуштената фабрика во која на околу 4.000 кавадратни метри се изразувале младите уметници од Канада кои дошле да учат во Монтреал ама не им било баш многу гајле за оценките. 

Веројатно и оттаму поттекнува и хорор амбиентот во музиката на „Грајмс“ кој се отсликува и на насловните фотографии од нејзините албуми. Мртовечката глава на каверот асоцира дека под кутијата има це-де на некој дед-метал бенд, а не на симпатична 23 годишна Канаѓанка.

Portico Quartet - Portico Quartet 2012


Ни џезерите повеќе не се она што беа. Некогаш важеше стереотипот дека овие музичари се црномурести чичиња со ретка коса, кои одамна ја поминале 50 година од животот. Луѓе кои одгледуваат подочњаци како резултат на зависта од хероин и носат очила за сонце дури и кога се на затворено. Наспроти ова, од источен Лондон доаѓа џез-бендот Портико квартет кој е составен од момчиња кои заедно едвај имаат стотина години и кои верувале или не изгледаат како скејтери.

Ако се суди според нивниот стајлинг човек ќе рече дека ова се дечки кои растеле на музиката на Грин деј и оваа претпоставка можеби и не е толку погрешна. Џек, Данкан, Мајло и Киар најверојатно и слушале панк, ама решиле она што го свират да припаѓа на џезот како музички жанр, но кога велам џез овде тоа мора да се сфати во најшироката смисла на самиот збор.

А дека музиката на „Портико квартет“ е тешка за етикетирање зборува и фактот дека вториот, и овој веќе трет нивни албум го издава продуцентската куќа „Риал ворлд“ на големиот Питер Габриел која е позната по промовирање на така наречена „ворлд мјузик, која инкорпорира широк спектар на егзотична музика. Но, ако е речиси невозможно да се опише со зборови и да се складира во некој жанр она што го свират момците од Лондон, тогаш нивната музика не бара никаков напор за да ви се допадне. 

Квартетот го сочинуваат саксофонистот Џек Вајли, кој во зависност од потребата свири на сопрано и на тенро саксофон, тапанарот Данкан Белами, басистот Мајло Фицпатрик и перкусионистот Киар Вајн кој свири и на таканаречениот ханг. Тоа е модерен перкусионистички инстурмент кој изгледа како огромна метална школка на која се свири со рацете, а додека музичарот тропа на хангот тој го држи во скутот.
Многу британски музички експерти сметаат дека токму овој инструмент му дава посебен шмек на звукот што го донесуваат момците од „Портико квартет“.



Бендот при крајот на јануари го издаде нивниот трети албум кој е насловен исто како квартетот и веднаш го прифати и критиката публиката за која пак можеме да кажеме дека најолем дел се млади луѓе, да не речам врсници на самите членови на бендот.
Од она што може да се прочита за нив изгледа дека станува збор за квартет кој сепак мора да се почувствува на жива свирка, а впечатливо е дека рецензентите го опишуваат како џез-проект кој навлегува на територијата на која звукот на Рејдиохед владееше мината деценија со албумите како „Kid A“ и „Амнесијак“. 

Тоа е така бидејќи на последната плоча звукот на овие момци тежнее кон амбиенталните и пастелни тонови, додека цело време во главна улога се басот и суптилните електронски звуци кои, според мене, се најмногу виновни за споредбата со Том Јорк и неговата дружина. Саксофонот пак на „Портико квартет“ им служи за развлекување на мелодиите до бескрај, а не за забавни и за роматични солажи на какви што веројатно навикнале љубителите на овој дувачки инструмент.

Интересно е дека овој џез-квартет името си го одбрал од една помалку несреќна случка во Италија. Таму бендов се уште безимен свирел на некој фестивал кога концертот морал да се прекина поради обилниот дожд. Сепак, лондончаниве се преселиле под најблиската стреа каде одржале свирка за паметење и во медиумите се прославиле како бендот што свири под тремот. Всушност момците оркестрирале под оние големи колонади на старо римски (за малку ќе речев барокен) објект кои го држат покривот и кои се нарекуваат портико. Оттаму и името на бендот!

И додека размислувате дали Портико квартет да биде бендот што ќе го слушате оваа недела јас ве советувам да тркнете до Јутјуб и да ги побарате нивните песни - „Ruins“, „Lacker boo“ и „Steepless“. Ако тие не ве убедат во квалитетите на овој џез-проекет, тешко дека јас ќе го сторам тоа!


Music nerds

Оние коишто ме следат на Твитер или ме дружат на Фејсбук горе-долу знаат како се информирам за музика и од каде најчесто симнувам албуми,...